Еден од најдобрите квотербекови во историјата на НФЛ, Том Брејди доби суспензија од еден месец откако се утврди дека тој учествувал во измамата во полуфиналето од последниот плеј-оф.
Њу Ингланд Петриотс, чиј член е Брејди, во конференциското финале го прегазија Индијанаполис со 45-7, но подоцна беше увтрдено дека домаќините намерно ги издишале топките, па со тоа си создале предност на дождот во Њу Ингланд. Брејди на тој меч одигра фантастично, имаше 23 успешни додавања и благодарение на него Петриотс поминаа 226 јарди. Имаше и три тач-дауна, еден пресечен напад и беше најзаслужен за победата. Во големото финале, Њу Ингланд го совлада Сиетл со 28-24 и ја освои шампионската титула.
Два месеци подоцна, раководството на лигата донесе заклучок дека топките биле издишани повеќе од дозволеното, па Брејди нема да игра првиот месец што е многу ако се знае дека лигата трае вкупно четири месеци. Петриотс се казнети со еден милион долари, а одземен им е пик од првата рунда на драфтот во 2016 година и изборот од четвртата рунда во 2017 година.
Сепак, тоа веројатно не е ништо ако се знае дека Њу Ингланд ја освоија титулата и таа нема да им биде одземена.
Извор: Спортмедиа.мк