
Поетесата Вања Ангелова од Бугарија е добитник на меѓународната книжевна награда „Книжевна далга“ за2015 година што ја доделува Културнит центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.
Жирито во состав Маријана бор-Паздњикова (Русија), Снежана Дабиќ (Србија), Валерио Орлиќ (Хрватска), Мерсиха Исмајлоска и Петко Шипинкаровски, одлучија наградата да ѝ ја доделат на Вања Ангелова од Бугарија, како што се наведува, за личниот придонес во афирмацијата на балканските книжевни вредности во светот и за воспоставување нови патишта на соработка.
Наградата ќе биде доделена на 4. јуни, годинава во црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга во рамките на одржувањето на „Струшките книжевни средби“.
Вања Христова Георгиева-Ангелова е родена на 15.12.1967 год., во Црвен Брег, Бугарија. Завршила руско јазично училиште во Плевен, специјализирала на Московскиот институт „Александар Сергеевич Пушкин“. Во 1992 завршила Руска филологија во ВТУ „Св. Кирил и Методиј“, а две години подоцна дипломира на Меѓународно право и надворешна трговија во Софија. Член е на Сојузот на независните бугарски писатели. Автор е на стихозбирките „А сега каде“, „Целта на животот“, „Со вера во срцето“, „Една поинаква страница“, „Очите на денот“, „Калесница на времето“, „Наследниците на Херакле“ и др.
Автор е на повеќе книги и сценарија со историска тематика. Освоила прво место на 12. меѓународен натпревар „Мелнички вечери на поезијата“ и наградата „Караманов“(2011) за најдобра поетска збирка од балканските земји. Нејзината книга „Наследниците на Херакле“, преведена е на македонски јазик во издание на „Бран“.
Досегашни добитници на наградата „Книжевна далга“ се Мерсиха Исмајлоска, 2013 и Миљурко Вукадиновиќ за 2014 година