
Полицијата во Куманово беше нападната од криминално- терористичка група, чии што водичи дојдоа од Косово и кои што очигледно имаа за цел дестабилизација на Македонија и правеше штета на Македонија и на нејзините граѓани, истакна премиерот Никола Груевски во Вестите на Сител телевизија.
Тој додаде дека сите понатамошни детали се во истрага, Обвинителството и Судот ја превземаа работата, има голем број на терористи кои се предадоа и кои се предмет на истрага.
-Тоа е добро, што имаме предадени со кои што може да се работи. Тие веќе почнаа да говорат одредени работи, колку што јас имам информации, дел од некои работи што им беа поставени како прашања ги одговорија. Кажаа каде се наоѓа оружјето што беше запленето го Гошинце, се најде оружјето и се врати таму каде што му е местото, во МВР, рече Груевски.
Според Груевски, ова е веројатно најсилната криминално терористичка група во Косово.
-Се работеше за озлогласени бандити, за кои подолг период имавме информации дека размислуваат и разговараат, споделуваат мислења со други луѓе, дека можеби би дошле во Македонија да направат некој проблем, но тие беа на друга територија и ние не можеме ништо да направиме. Таквите информации ги споделувавме со сите страни кои можат да помогнат, вклучувајќи ги и косовските власти и големите сили. Но за жал тоа не се случи. Таа група влезе во Македонија и веднаш по нивното пристигање во Куманово, на почеток беа во Куманово и во Отља, потоа се споија во Куманово, полицијата доби информација и почнаа да го подготвува планот и во моментот кога двете групи се споија во Куманово, тогаш полицијата донесе одлука дека е најдобро тогаш да се дејствува, додаде Груевски.
Целта на криминално терористичката група бил напад врз цивилни објекти, во кој би имало многу жртви.
-Имавме и разузнавачки информации дека нивниот план беше да не се се задржат многу долго на тоа место туку да излезат од таму, да се распрснат низ државата во групи и да вршат терористички акции на различни места, вклучувајќи го и дигањето во воздух на Камениот мост, дигање во воздух на шопинг молови, каде што би имало стотици можеби и илјадници цивилни жртви, што и беше нивна цел, потенцира премиерот Груевски.