За Медлин Олбрајт станавме Македонија

Долгогодишната пракса покажа дека високи странски политичари и дипломати кога биле на власт едно зборувале за Македонија кога станува збор за нејзиното уставно и историско име, кое секогаш настојувале да не го изговорат, а сосема друго кога не биле на функција. Не изговарањето на зборот Македонија, всушност, значело и значи дека тие играат по нотите на Грција, која се противи на уставната употреба и инсистира во најмала рака да се користи референцијата, а во најдобар случај деноминацијата ФИРОМ. Kога биле ослободени од државничките функции, тие немале проблем со уставното име на Македонија, пишува весникот „Дневник“.

Како последен пример, „Дневник“ ја наведува поранешната државна секретарка на САД Медлин Олбрајт, која неодамна на дебата на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон на прашање на Обединетата македонска дијаспора, таа се наврати на историските моменти од проблемот за името, но додаде дека Македонија во моментов има погорливи проблеми.

– Kако што известуваат медиумите, некои од последните настани особено загрижуваат во однос на некои екстремистички активности и поделбите на разни етнички групи и каква врска има Kосово со тоа, Грција и други нешта. Не мислам дека прашањето за името е најважното во моментов. Сега треба да се стори нешто, а не кога ќе се влоши ситуацијата – рече Олбрајт.

Во својот одговор таа се осврна и на минатото на спорот за името опишувајќи ги бизарните процедури низ кои морало да се поминува во ОН за да се организира посета на македонските политичари, на што грчките дипломати интензивно се спротивставувале.

Олбрајт рече дека имало ситуации кога американските дипломати му сугерирале на генералниот секретар на ОН да се пребојадисаат јарболите за знамињата само да се избегне прашањето за тоа кое знаме ќе се вее при посета на Глигоров.

–  Се сеќавам на лудоста на спорот за името. Ако една добра работа произлезе од војната во Kосово, тогаш тоа е што веќе не морав да го повторувам тоа поранешна југословенска република секогаш кога ќе сведочев пред Kонгресот. Тоа беше една од најлудите меѓународни дискусии на сите времиња, изјави Олбрајт, додавајќи дека во моментов Македонија сите ја викаат со нејзиното име.

Но, проблемот е што кога Олбрајт беше на местото кога можеше нешто да направи согласно со меѓународното право, тоа не беше направено, и американската грешка беше делумно коригирана во мандатот на администрацијата на Џорџ Буш. Сега, на пример, Олбрајт вели дека нешто треба да се направи, но не кажува конкретно што, а не ја ни спомнува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Повеќе за ова во Дневник.