
Чуварите на демократијата добиваат се помасовна поддршка. Граѓаните денеска со полни кеси со прехрамбени продукти, дојдоа пред Собранието да им ги донесат на бранителите на изборната волја.
-Дојдовме за да им дадеме една голема поддршка на младиве и за Македонија. Они се бранители, а ова е фантастично. Им донесовме разни продукти, храна, сокови…
-Кој колку може толку донесовме. Дојдовме да им дадеме на децата поддршка да истараат во ова, бидејќи мора некој да ја брани државата и од надворешни и од внатрешни сили, велат граѓаните.
Чуварите на демократијата и на изборната волја, велат дека безрезервно поддржуваат стабилна и силна Македонија, а не деструктивни сценарија и разнебитување на државата.
-Како што видовте граѓаните повеќе пати ја искажаа својата поддршка кон кампот што е овде. Собрани сме сите, млади, стари, тука сме за да ги поддржиме новите проекти, новите реформи, изградба на нови училишта, автопатишта и се останато. Тука сме за да ја одбраниме демократијата пред се. Нашето срце и сета наша благодарност кон граѓаните на Македонија што дојдоа да ја искажат својата поддршка за нас, истакна студентот Мартин Темков.