И Марадона против Блатер

Против кандидатурата на Сеп Блатер, кој на крајот на неделава ќе се обиде да добие петти по ред мандат на чело на ФИФА, покрај претседателот на УЕФА Мишел Платини отворено застана и поранешниот најдобар светски фудбалер Диего Марадона, пренесува МИА.

Марадона на сметката на Сеп Блатер користи зборови кои не се многу пофални.

– Имаме доживотен диктатор на челото на ФИФА. Нему му недостига инспирација и страст, кои го претставуваат срцето на фудбалот. Ако тој го инкарнира лицето на меѓународниот фудбал тогаш тоа не е во ред, истакна Марадона во интервјуто за Дејли Телеграф.

Аргентинецот смета дека под водство на Сеп Блатер, ФИФА се претворила во срам и болна пречка за сите оние кои го сакаат фудбалот.

Мишел Платини ја поддржува кандидатурата на единствениот противкандидат, принцот на Јордан Али, додека Диего Марадона го нарекува Сеп Блатер „диктатор“, јавува дописникот на МИА од Париз.

Претседателот на УЕФА во интервјуто за денешното издание на спортскиот дневен весник „Л’Екип“, ја поддржува кандидатурата на принцот на Јордан Али, притоа јасно спротивставувајќи му се на Сеп Блатер. Платини го обвинува Блатер дека „го излажал“ него но и другите, кога ветил во 2011 дека ова ќе му биде последен мандат на челото на ФИФА.

Платини нема право на глас во овие избори во кои учествуваат претседателите на 209 национални федерации, но тој отворено ја поддржува кандидатурата на принцот Али, кој според него може да биде „голем претседател на ФИФА“.

Платини потсетува дека во 2011 година ги повикал претседателите на федерациите членки на УЕФА да гласаат за Блатер.

Во деведесеттите години тој важеше близок на Блатер, но последниве години дојде до нивно разидување.

– Имам непријатен впечаток дека лично се ангажирав врз основа на лага. Потребно е да се знае да се препушти раката, без обид да се остане на престолот по било која цена, вели Платини, според кој ФИФА има потреба од нов лидер, свежа крв и свеж воздух.

Според него Блатер има страв од „празнината“, не дека има нови планови и проекти за ФИФА, туку дека стравува што ќе прави со самиот себе си откако ќе ја напушти функцијата и организацијата на која и го посветил целиот свој живот.

– Се додека остане на функцијата, сакајќи или не, било тоа праведно или не, ФИФА ќе има дефицит на кредибилитет, имиџ и авторитет, од тоа страда само фудбалот, тврди Платини.

Изборот за претседател на ФИФА е предвиден во Цирих во петок. Против 79 годишниот Блатер единствен кандидат остана еден од неговите вице-претседатели Јорданецот Али Бин ал-Хусеин, по повлекувањето на Холанѓанецот Микаел ван Прааг и Португалецот Луис Фиго.

– Луис одлучи да се повлече за да покаже дека системот на избори е внатрешно заклучен, Микаел одлучи да се повлечи во обид да да го промени системот здружувајќи се со еден друг кандидат, анализира Платини.

Според него двајцата кандидати од Европа мислеле на интересите на ФИФА и фудбалот, пред да мислат на нивната личност. Тоа претставува промена и своевидна победа тврди Платини.