
Народот на Сирија губи надеж, бидејќи е предмет на отворен оган и воздушни напади од владините сили, изјави синоќа генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун, пренесува ДПА.
Степенот на крвопролевање и уништување на Сирија би требало да ја шокира колективната совест на светот, наведува Бан во најновиот месечен извештај за Советот за безбдност, објавен синоќа.
Сирискиот народ губи надеж. Луѓето не можат да си дозволат да чекаат, нагласува шефот на ОН, повикувајќи да се најде политичко решение на конфликтот, во кој од 2011 година животот го загубија над 220.000 лица.
Меѓународната заедница и најмногу Советот за безбедност на ОН треба без одложување да преземе мерки за да стави крај на секојдневните кршења на меѓународното право и убиството на цивили, нагласува Бан Ки-мун.
Околу 4,8 милиони луѓе се во тешко достапни области, вклучително 422.000, кои се под опсада на силите на претседателот Башар ал Асад, невладините вооружени сили и терористичките групи како Исламска држава.
Во извештајот се наведува дека организацијата „Лекари за човекови права“ регистрирала 14 напади, вклучително седум со касетни бомби против медицински центри во април. Сите тие се извршени од владините сили, кои се одговорни и за смртта на седум медицински лица минатиот месец.