Од утре корисниците на социјалната помош, постојаната парична помош, помошта за згрижувачките семејства и за родителите со деца со пречки во развојот кои доаѓаат од материјално необезбедени семејства ќе добиваат поголема помош од државата. Социјалната помош од први јуни се зголемува за цели 10 проценти, а згрижувачките семејства и родителите со деца со пречки во развојот ќе имаат за 25% поголем надоместок. Следува и септемвриско зголемување на платите.
Ова е исполнување на ветувањето на Груевски кое го даде на народниот собир во Спортската сала „Борис Трајковски“ каде што вети зголемување на социјалната помош не за пет како што беше првично најавено, туку за 10 проценти.
-Во Програмата имавме ветено зголемување на социјалната парична помош од 5 отсто, но пред три месеци донесовме решение да се зголеми социјалната и парична помош за 10 отсто од јуни годинава, а корисниците да ги добијат средствата во јули. За 25 отсто ќе порасне надоместокот за згрижувачките семејства за деца без родители и за родители кои имаат деца со пречки во развојот од материјално необезбедени семејства. Нивното зголемување исто така ќе почне од јуни, а ќе биде исплатено на почетокот на јули, рече тогаш премиерот Никола Груевски
Инаки социјалната парична помош е вкупно зголемена за 47 проценти, а постојаната парична помош за 46 проценти.
Над 9.000 деца од социјално ранливи семејства отидоа на бесплатен одмор.
Државата води силна грижа и за пензионерите. Во изминатиот период пензиите во просек се зголемени за 62 отсто, а најниските пензии се зголемени за 76 проценти. Следно покачување на пензиите ќе биде во октомври годинава.
Покрај зголемувањето на пензиите за пензионерите се обезбедија многу други бенефиции, меѓу кои и тоа што 25.000 пензионери отидоа на бесплатна бања, а оваа година ќе заминат уште 5.000.