Официјално: Божовиќ потпиша со Металург

Досегашниот ракометар на белорускиот Брест Мешков, Јанко Божовиќ во следните две години ќе го носи дресот на РК Металург.

Тоа што веќе го најави порталот Екипа.мк, е официјализирано од страна на самиот Божовиќ, кој збогувајќи се од досегашниот свој клуб за официјалната интернет страница на Брест Мешков го потврди трансферот во еден од најдобрите македонски клубови.

“Потпишав двегодишен договор со македонскиот Металург. Се надевам на најдоброто. Металург е тим со голема традиција. И покрај фактот дека во новата сезона ќе игра со подмладен тим, има навистина поставено високи цели за следната сезона”, вели Божовиќ.

29-годишниот австриски репрезентативец со црногорско потекло треба да биде првото од најавените сериозни засилувања на Металург кој, според најавите, се очекува и во следната сезона со специјална ЕХФ покана да добие можност за настап во европската Лига на шампиони. Божовиќ, кој игра на позицијата десен бек, за Брест Мешков минатата сезона настапи на 43 натпревари постигнувајќи 141 гол.