
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска се одржа експертска дебата на тема „Службеничкиот систем во Република Македонија“ во рамките на проектот „Форум за јавна администрација“, а организиран од Фондацијата Фридрих Еберт, а во соработка и поддржан од Правниот факултет „Јустинијан први“ при УКИМ и Факултетот за јавна администрација при Универзитетот ЈИЕ Тетово.
Во рамките на панел сесијата „Социјалната димензија на јавната администрација во Република Македонија“ обраќање имаше заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, која се осврна на активностите кои во изминатиот период беа преземени од страна на министерството при изготвувањето, донесувањето и спроведувањето на новите административни закони.
Арсовска Томовска направи споредбена анализа на обемот, структурата и трошоците за јавната администрација со европските администрации, ги анализираше реформските процеси во македонската администрација споредени со искуствата од европските земји, посебно со состојбите во британската јавна администрација, при што потенцира дека Република Македонија ги користеше позитивните примери на земјите од ЕУ.
Таа ги потенцираше клучните принципи по кои се раководат европските администрации и истите ќе бидат инкорпорирани во тековните реформски активности во македонската администрација. Акцент беше ставен на виталните точки на професионалното административно работење, како што се: сервисната ориентираност кон граѓаните, ефективноста, ефикасноста и отчетноста на административните работници.
На денешната дебата обраќања имаа и универзитетските професори Борче Давитковски, Ана Павловска Данева, Абдулменаф Беџети и Ванчо Узунов, како и Билјана Николовска Жагар од Агенцијата за администрација и Југослав Ѓорѓиевски од Министерството за информатичко општество и администрација.