Допрецизирање на законот за е-трговија во делот на надзорот

Владата до Собранието достави Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за електронска трговија.

Целта е да се овозможи натамошен развој на електронската трговија и поголемо вклучување на деловната заедница во активностите за нејзино унапредување.

Предлог-законот е на дневен ред на денешната седница на собраниската Комисија за економски прашања и со него се врши допрецизирање на одредбите за разграничување на надлежностите помеѓу вклучените институции во надзорот и инспекцискиот надзор на електронската трговија.

Согласно одредбите од законот во делот на надзорот, инспекциски надзор над спроведувањето на овој закон вршат Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за електронски комуникации преку надлежните инспектори. Притоа не е извршено разграничување на надлежностите за инспекциски надзор над спроведување на одделните одредби од законот.

Во образложението на Законот се посочува дека предлагачот пристапил кон измени и дополнувања по направената сеопфатна Анализа на моменталната состојба со е-трговијата во Република Македонија, особено од аспект на идентификација на пречките со кои се соочуваат засегнатите страни во е-трговијата.

На дневен ред на оваа комисија се и други закони во прво и во второ читање.