Кои земји не успеале да го вратат долгот кон ММФ?

Што ќе се случи ако левичарската грчка влада на Алексис Ципрас не успее да ги исплати 300 – те милиони евра на ММФ овој петок? Ова е прашањето што го поставуваат грчките медиуми анализирајќи што се случило со земјите што не успеале да го вратат долгот кон кредиторите.

Грик Рипортер, наведува дека без нов договор нема да биде можно Грција да го собере ниту остатокот од околу 1, 5 милијарди евра што земјата мора да ги исплати на ММФ овој месец, ниту пак 6, 5 – те милијарди евра колку што треба да бидат исплатени на Европската централна банка во јули и август.

Потенцијалниот неуспех да го исплати долгот, ќе ја стави Грција во ист ранг со Судан, Зимбабве и Сомалија, земјите што не успеале да го исплатат долгот кон ММФ, според весникот „Катимерини“.

Судан е една од земјите што се едни од најстарите должници на ММФ, според книгата на Џејмс М. Боутон насловена „Тивка Револуција“. Владата во Судан престанала да ги исплаќа долговите кон ММФ позајмени во 1984-тата година, во периодот на цивилната војна и на тешки суши. До крајот на април, Судан должел околу 1,4 милијарди долари на ММФ, а земјата целосно престанала да добива позајмици во 1986-тата.

Сомалија должи околу 327 милиони долари на ММФ од средината на 80-тите. Денес земјата страда од граѓански конфликти и терористички напади.

Случајот на Зимбабве е малку поинаков. Земјата почна да го одложува плаќањето кон ММФ кога диктаторот Мугабе прогласи прераспределба на земјиштето на црните фармери, кое претходно беше во сопственост на белите фармери. Иницијативата на диктаторот предизвика огромно намалување на извозот на тутун и другите производи. Зимбабве должи околу 111 милиони долари кон ММФ.

Камбоџа престана да го отплаќа долгот кон ММФ во времето на озлогласената комунистичка партија на Кампуча, позната како „Кмер Руж“, која презема контрола врз земјата. Владејачката партија во Камбоџа од 1975 до 1979, предводена од Пол Пот почна да ги исполнува своите финансиски обврски во 1975. Сепак долгот беше целосно исплатен во 1993, кога на власт дојде првата демократски избрана власт.

На листата земји што не ги исплатиле своите долгови кон ММФ се и Хондурас, Конго, Панама, Перу и Виетнам.