Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека излегување на Грција од еврозоната не е опција.
Јункер додаде дека тоа не значи оти тој може да „извади зајак од шапката“ за да спречи нешто такво.
Како што пренесе МИА. на прес-онференција пред почетокот на Самитот на Г-7 во германското место Крин, Јункер ја обвини Атина дека не доставила листа на реформи, како алтернатива на предлозите на кредиторите, кои грчкиот премиер Алексис Ципрас во петокот ги оцени како „апсурдни“.
– Алексис Ципрас, кој е мој пријател, вети дека до четрток вечерта ќе достави друг, алтернативен предлог… Јас никогаш не добив таков алтернативен предлог, рече Јункер.
Првиот човек на Еврокомисијата нагласи дека е разочаран од Ципрас, додавајќи дека иако го смета за пријател тој сепак ќе „мора да почитува одреден минимум правила за да останат пријатели“.
Јункер најави и дека очекува на маргините на Самитот ЕУ-Латинска Америка, што во среда почнува во Брисел, да се одржат и преговори со Ципрас и со другите лидери од еврозоната.
Запрашан кога истекува рокот за постигнување договор со Грција, која можеби не ќе може да ги исплати долговите што и доспеваат во текот на овој месец, Јункер нагласи дека рок сигурно ќе постои, но не посочи никаков конкретен датум.