Германскиот весник „Велт“, повикувајќи се на разузнавачки извори во Берлин пишува дека Западен Балкан е влезна порта за исламистичките борци.
Во анализата на весникот се наведува дека салафистичките проповедници на Косово, во Босна и Херцеговина, Албанија и Македонија со полна пареа регрутираат борци за конфликтите во Сирија и на северот на Ирак.
„Германски разузнавачки агенции неколку месеци ги набљудуваат настаните во Западен Балкан: Радикалните исламисти формираат повеќе мрежи со цел криумчарење џихадисти во кризните региони“, пишува Велт и нагласува дека во овие балкански земји не се врши само обука на џихадистите, туку тие стануваат и места во кои борците се враќаат и се подготвуваат за терористички напади.
„Велт“ нагласува дека само од Косово во кризните жаришта се отидени повеќе од 250 луѓе и во однос на бројот на населението, Косово е меѓу рекордерите во Европа.
Велт наведува дека германското министерство за внатрешни работи е сериозно загрижено и најавува дека „заканите од западниот Балкан“ оваа недела ќе бидат тема на разговор на средбата на Г-7.
фото: Велт