Пуштена во употреба реконструираната машка бања во штипска Кежовица

Со инвестиција од 600.000 денари, заврши реконструкцијата на машката бања Кежовица во Штип. Истата денес беше свечено пуштена во употреба а нејзината обнова привлече голем број на граѓани кои љубопитно сакаа да ги видат новите услови во кои ќе ја користат природната термална вода на Кежовица.

– За само 42 дена, успеавме да ја обновиме машката бања и при тоа да вложиме минимални средства. Ниската цена беше постигната и пред се заради аукцијата при што имаше пад на цените при наддавањето. Сега се нудат комплетни услови за капење во машкиот дел а Кежовица може да се каже дека заличи на европска бања – изјави директорот на ЈП „Исар“, Ангел Бојаџиев.

banja123

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев изјави дека е задоволен од она што е направено и дека новото раководство покажува знаење и умешност во работењето:

– И покрај сите опструкции, ние работиме брзо, квалитетно и ефтино. Морам да им се заблагодарам на одговорните во ЈП „Исар“, на раководството за вложениот труд и ангажман. Ова што го гледам е вистински успех. Град како Штип, кој има благодет да користи термални води а при тоа да има такви лоши капацитети, беше нешто што е непоимливо. Со обновата, сега имаме модерна бања. Дополнително, општината ќе распише конкурс со кој локацијата кај градскиот базен ќе ја даде на приватен инвеститор за конструкција на аква центар, со хотел и други елементи а ќе се потрудиме да поставиме цевковод со кој термалната вода од Кежовица ќе ја донесеме до овој дел. Наша обврска е во јули да го обновиме патот до бањата кој е многу уништен и со тоа ќе биде заокружена обновата на Кежовица.

banja1234

Претходно ЈП „Исар“ ги обнови просториите за престој на гостите со инвестиција во пвц столарија, поставување на ламинат и други елементи.