Изгласани измените на законите за основно и средно образование

Републичкото Собрание во попладневниот дел од 53. седница изгласа измени на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка, со кои се овозможува примена на спогодбата од преговорите помеѓу Министерството за образование и наука (МОН) и Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата (СОНК), пренесува МИА.

Со законите е уредено дека зголемувањето, односно намалувањето на платите на наставниците согласно објавениот извештај со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците за учебната 2013/2014 година, нема да се применува.

– Спогодбата што е договорена помеѓу СОНК и МОН предвидува бришење на казните и сето ова треба да биде преточено  во законско решение. Ние како пратеници овозможуваме со закон  да не се казнуваат, но и овозможуваме завршница на преговорите во прва фаза. Поттикнуваме продолжување на овие дијалози. Ние како пратеници не можеме да прејудицираме  што ќе содржат натамошните преговори помеѓу СОНК и МОН, но не треба со нашите ставови и изјави да го попречуваме овој дијалог, рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласоска реплицирајќи на независната пратеничка Солза Грчева која ја критикуваше екстерната проверка на знаењата на учениците.

Грчева побара да се спречи губење работно место на наставник ако две години по ред има лоши резултати во оценувањето. Со екстерното, според Грчева, се бара фактографијата што е најнизок когнитивен процес.

Според пратеничката Роза Топузовска Каревска,  власта го спроведува екстерното по секоја цена без да признае дека погрешила.  – Не може квалитетот да се постигне само со страв и да се наложува нешто на наставниците што на ученицките нема да им даде креативност и инвентивност и нешто што ќе биде применливо, рече Топузовска Каревска потенцирајќи дека екстерното оценување цело време предизвикува бранување на незадоволство и од наставниците и од учениците, а  малку се тие што се задоволни.

Пратеникот од Демократскиот сојуз (ДС) Павле Трајанов предложи наместо дебати за образованието надвор од Собранието во законодавниот дом пред одморите да се организира надзорна расправа на која ќе се расправа само за екстерното тестирање.

Екстерното тестирање е погрешен концеп, без очекуваните резултати и за пратеничката од Демократска обнова за Македонија (ДОМ) Лилјана Поповска. Има и други методи за проверка на знаењето, наведе Поповска.

Реплицирајќи, Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ наведе дека не е добро да се рушат реформи за кои претходно сите се согласиле дека се потребни.

Младите, укажа, треба да ги насочуваме кон добивање компетитивни знаења.

– Ќе имаат многу поголем стрес ако бидат неконкурентни на пазарот на работна сила, рече Ѓорчев.

Собранието претходно го усвои Законот за задолжување на РМ кај Банката за развој при Советот на Европа кој е услов за склучување Рамковен договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на клиничкиот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип.

Заемот е во износ од  97 милиони евра, со рок на отплата од најмногу 20 години, со грејс период од  5 години. Првата транша треба да се повлече во рок од 12 месеци од влегувањето во сила на Рамковниот договор за заем и не треба да надмине 50 проценти од вкупниот износ на заемот.

Во тек на расправата пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека  реализацијата на проектот ќе даде значаен придонес во спроведување на здравствените реформи преку креирање нова мрежа современи регионални болници и обезбедување оптимални услови за терцијарната здравствена заштита согласно европските стандарди.

– Овој е историски момент за здравството. Со проектот се овозможува консолидација на здравствениот систем, подобрување на условите за работа на здравствените работници и повисоко ниво на услуги за граѓаните, наведе Јасминка Дамчевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Собранието ги усвои и предлог законите за изменување и за дополнување на законите за вештачење, за процени, за бесплатна правна помош, за семејство, ….сите во прво читање.

Со законот за вештачење, меѓу другото, се пропишува обврска за вештаците на кои им е издадена лиценца за вештачење од соодветната област каде предмет на вештачење се недвижности  електронски да се поврзат со информатичкиот систем на Агенцијата за катастар на недвижности заради користење податоци потребни за вршење на вештачењето.

Обврска за електронско поврзување со Катастарот добиваат и овластените проценители во насока на унапредување на процената заради размена на податоци и создавање база на податоци  на проценети  вредности на недвижности, како и надлежните институции за бесплатна правна помош.

Продолжението на 53 собраниска седница претседателот на Собранието Трајко Вељановски го закажа за утре во 13 часот, по чие завршување ја најави 48 седница.