20 месеци затвор за полицаецот кој ја нападна „дамата во црвено“

Казна затвор од 20 месеци доби турскиот полицаец кој со солзавец ја нападна демонстрантката која медиумите ја нарекоа „дамата во црвено“ за време на антивладините протести во 2013. година. Покрај казната затвор тој треба да засади и 600 стебла и шест месеци да го следи нивниот развој.

Сејда Шунгур стана позната во целиот свет откако беше објавена фотографијата на којашто облечена во црвен фустан ја прска со солзавец полицаец при насилното растурање на протестите во истанбулскиот парк Гези на 28-ми мај 2013 година, потсетува агенцијата Dogan.

Судот во Истанбул го прогласи полицаецот Фатих З. одговорен за намерно нанесени удари и повреди, како и професионален пропуст и му одреди две казни од по десет месеци. Од отслужувањето на казната веднаш е ослободен поради доброто однесување во текот на процесот.

Протестите против тогашниот премиер, а сега турски претседател Реџеп Тајип Ердоган започнаа кон крајот на мај 2013 година, со мобилизација на еколошките активисти кои се побунија против најавеното уништување на паркот Гези пред историскиот плоштад Таксим во Истанбул, каде што требаше да биде изграден деловно станбен комплекс и други објекти. Нивната насилна евакуација прерасна во бран на дотогаш невидени протести во десетгодишното владеење на Партијата на правдата и развојот (AKP) на Ердоган, во сите поголеми центри низ Турција.

Во протестите на коишто според медиумите во три седмици протестирале повеќе од три милиона Турци, во обидите за нивно полициско растурање, загинаа десет лица, повеќе од 8.000 беа повредени, а илјадници притворени.