
Годинешново десетто јубилејно издание на БАСКЕРФЕСТ, кое подготви одлична баскер програма надополнета со музика, не само за скопјани, туку и за цела Македонија, на денешната прес-конференција го најавија Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Пане Темов и Тина Мицковска од организаторот „Темов“ и Катерина –Хаџи Ангелеска, претставник од Пивара Скопје.
– Во Скопје официјалниот почеток е на 12 јуни, петок, и ќе трае до 21 јуни. Оваа година фестивалот ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ .На фестивалот за време на викендите ќе има две бини, а во работните денови три, каде што уличните уметници ќе ги изведуваат своите точки во текот на денот, а во вечерните часови на истото место планирани се настапи на повеќе музички групи од странство и од земјава. Фестивалот во Скопје е под покровителство на Град Скопје и го поддржуваме со 900. 000 денари. За оваа година најавено е учество на околу 100 баскер изведувачи од целиот свет, секој од нив атрактивен на свој начин, а покрај уличните артисти, како и секоја година тука се музичките настапи во Пивската градина. Жонглери, брејкденсери, куклен театар, одење по жица и перформанси со оган се само дел од програмата на годинешниов театар на отворено Баскерфест 2015. Годинава новитет е тоа што за првпат секојдневно ќе има и детска креативна работилница каде што најмладите посетители ќе имаат можност да се дружат со баскер изведувачите, да се едуцираат, но и да уживаат во малите слатки задоволства кои ги подготвивме само за нив. Со текот на овие 10 години, овој фестивал, кој го организира „Темов“, стана препознатлив бренд за нашиот главен град и еден од најуспешните културно забавни проекти поддржани од Град Скопје. Ги повикувам граѓаните на дојдат и да се забавуват на отворено – изјави градоначалникот Трајановски.
Пане Темов по повод 10 роденден најави голем број изненадувања за присутните и артисти од Чиле, САД, Куба, Албанија Србија, односно учесници од 23 земји, а Тина Мицковска ги повика граѓаните да дојдат и да ги посетат детските креативни работилници, настапите на артистите од 18 до 22 часот, како и Пивската градина којашто нуди забава до еден часот по полноќ во текот на неделата, а до два часот по полноќ за време на викендите.
Катерина –Хаџи Ангелеска, претставник од Пивара Скопје истакна дека Скопско и Кока-Кола се неразделив дел од сите урбани случувања во градов и ги поддржуваат настаните коишто се со интересна и едукативна содржина каква што има Баскерфет.
Баскерфест годинава ќе се одржува и низ 14 градови во Македонија. Секој град барем неколку денa ќе има можност да ја доживее магијата на уличната уметност.
Баскерфест 2015 започнува во петок, 12 јуни, а ќе трае се до 13 јули, односно точно еден месец.