ВИДЕО: Полицијата пронајде 128 мигранти во Ваксинце

Полицијата денеска спроведе акција во село Ваксинце со цел откривање на лица за кои постојат сомненија дека прикриваат мигранти, односно дека учествуваат во кривични дела поврзани со криумчарење на мигранти.

При спроведување на акцијата биле пронајдени вкупно 128 мигранти од Сирија, Ирак и други земји од блискиот исток и едно 68 годишно лице од село Ваксинце кое се барало со потерница за издржување на казна затвор поради убиство.

Илегалните мигранти биле откриени во пет објекти од десетте кои биле предмет на интерес. Според досегашните сознанија, сопствениците на објектите ги изнајмувале истите по цени во просек од 1.500 евра месечно, во зависност од тоа за каков објект се работи или доколку сами ги примале илегалните мигранти им наплатувале од 5 до 10 евра само да се засолнат во објектот без да им биде даден кревет за парите кои ги плаќале. Од досега извршените разговори со илегалните мигранти, посочено е дека сите дошле во Ваксинце по сопствена волја, патувајќи од соседна Грција кон побогатите земји членки на Европската Унија, односно ниту еден од нив не посочил дека бил жрвтва на присилба, закана или уцена во однос на престојот.

При претрес на објектите пронајдени биле еден пиштол марка „GROU MINI – 8 mm“ со рамка со 5 куршуми и 7 куршуми кои дополнително биле пронајдени во ранец од мигрантите во чајџилница, каде што биле откриени 41 мигрант. Во останатите објекти пронајдени и одземени биле 11 куршуми 9 мм, компјутер, два лаптоп компјутери, три мобилни телефони, два џебни ножеви, една кошула со амблем на УЧК, еден тактички елек, една маскирна кошула без амблем и парични средства во износ од 2.400 евра. Дел од активностите во врска со претресите се уште се во тек и се преземаат мерки за целосно комплетирање и документирање на случајот.

Од страна на МВР ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „Криумчарење на мигранти“ против четири лица од село Ваксинце на возраст од 32 до 61 година кои фигурираат како сопственици на објектите во кои се пронајдени мигрантите.

Лицето приведено врз основа на претходно распишана потерница се товари за убиство кое го извршил на 06.01.2001 година во Куманово кога заедно со уште двајца негови познаници со пиштоли убиле едно лице. Имено причината за убиството е што пријавените, револтирани бидејќи сега убиениот не се согласувал на брак помеѓу неговата ќерка и синот на приведеното лице, се упатиле кон неговата куќа и по кратка расправија започнале да пукаат кон него при што му нанеле четири прострелни рани. Истиот бил пренесен во Ургентен центар Скопје каде на 8 ми јануари 2001. година им подлегнал на повредите.