Димитров: Зборот „режим“ е најчесто употребуваниот збор помеѓу опозиционерите

Како најдобро да полемизираме со ваква опозиција? Најдобро е ништо да не им кажуваме, доволно е само да почекаме да го променат своето мислење. Кога не би било тажно и трагично, оваа ситуација би била навистина смешна и комична, истакна Братислав Димитров од Граѓанското движење за одбрана на Македонија.

Димитров денес се обрати на панел дискусија на тема: „Една од многуте лаги на опозицијата- борба против режимот“, пред граѓаните во паркот на „Чуварите на демократијата“.

-Најдобро за оваа опозиција може да дадат мислење психијатри, психолози и евентуално бајачки. Тие немаат реална моќ и поддршка од народот… Ова е лута политичка битка, но ние сме влезени во една многу пострашна и посеопфатна битка, а тоа е битка помеѓу самите луѓе, тоа подразбира комшии, роднини, пријатели. Ние ќе се бориме жестоко, принципиелно и со сите наши средства, но и во најжестоката борба треба да покажеме една широкост, една големина на нашите срца, затоа што вистината е на наша страна. Ние не се занимаваме со политички трикови, валкани, ситни, подметнување, тоа им го оставаме на нив, рече Димитров.

Димитров посочи дека зборот „режим“ е најчесто употребуваниот збор помеѓу опозиционерите и нивните поддржувачи.

-Јас навистина се прашувам дали тие толку се неписмени, неинформирани и необразовани, тој збор да го употребуваат во секој контекст. Дали тие не прават разлика помеѓу режим и нормално демократско општество. Нивната агресивност и неаргументираност без никакво покритие во говорењето, стоструко ќе им се врати. Ќе бидат жртви на својот гнев, на својата омраза, на своите одмазднички чуства, но нашата држава, нашата татковина трпи навистина последици од тие нивни непромислености. Уште одамна народот кажал- колку што може еден будала да расипе, неможат ни 100 умни луѓе да го поправат, рече тој.

Димитров потенцираше дека доколку е ова режим, нема да има ниту еден медиум во кој опозицијата ќе може да ги изразува своите политички ставови и додаде дека една од многуте лаги на опозицијата е дека се борат против режим.

-Опозицијата има дури многу повеќе медиуми- електронски, пишани и телевизиски, каде што има шанса да се изрази. Но, нивните настапи многу повеќе работат за оваа актуелна власт, отколку ние поддржувачите, затоа што секој нивни настап е само деградација. Ние сме сведоци на еден неверојатен и зачудувачки агресивен и деструктивен настап на опозицијата.