По барање на тутунопроизводителите, а со цел се интензивира откупот на тутунот, согласно разговорите кои во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се одвиваа оваа седница со сите компании кои вршат откуп на тутун, согласно Законот за тутун и тутунски производи, од денеска откупот на тутун ќе се реализира и за време на викендите.
Од Тутунскиот комбинат Прилеп информираа дека ќе ја почитуваат препораката на Министерството и денеска на сите откупни пунктови ќе се реализира откуп на тутун и тоа темпо ќе продолжи и во наредните денови. И останатите компании прифатија да вршат откуп за време на викендите.
Со оваа мерка, која стартува од денеска се очекува интензивирање и порано завршување на откупот на тутун.
Досега се откупени околу 18 милиони килограми тутун. Од ресорното министерство информираа дека и во наредните денови будно ќе се следи состојбата со откупот, апелирајќи до откупувачите за реална проценка на тутунот, согласно законските правила и утврдените мостри.