Без ММФ, Германија нема да учествува во решавањето на кризата во Грција

Германскиот Парламент нема да поддржи ниту една одлука за спас на Грција доколку Меѓународниот монетарен фонд чии претставници се повлекоа од преговорите со Грција не учествуаат во решението. Првиот човек на парламентарната група на партијата ЦДУ на канцеларката Меркел, Фолкер Каудер, вели дека без согласност од ММФ нема да се најде решение за грчката криза, јави дописникот на МИА од Берлин.

Каудер, кој е близок соработник на Меркел, вели дека неговата шефица како и голем број други германски политичари и граѓани сакаат Грција да остане во еврозоната и дека напуштањето нема да биде поевтино од останувањето, но за тоа треба да се исполнат сите потребни услови.
– Не можеме да гласаме за понатамошни плаќања доколку ММФ каже дека тоа нема да функционира,  изјави Каудер за АРД телевизијата.
Според него сите знаат што е влогот во ваквиот развој на настаните но никој друг освен Грција не сноси одговорност во овој случај. Грција мора да се врати во реалноста и да прекине да поставува услови вели парламентарниот лидер на најмоќната германска партија.