Деновиве на социјалните мрежи масовно се споделува предупредување дека во Македонија се шири т.н. „скам“ каде непозната личност испраќа понуда за пријател и кога ќе ја додадете ви праќа линк што воопшто не изгледа сомнителен.
Кога ќе кликнете на линкот ви го скенира лицето, најверојатно преку камерата, и во рок од 10 до 15 секунди ви праќа клип со вас обработен во Фотошоп, со порнографска содржина.
Исто така, оние што стојат зад овој „скам“ ја копираат листата на пријатели и после тоа ве обвинуваат дека сте направиле педофилски чин и ве уценуваат дека ќе го испратат на вашите пријатели и ќе го објават на Јутјуб доколку не им пратите одредена сума на пари.
Како што се посочува на социјалните мрежи, личноста пишува на српски јазик, а ви праќа адреса од Брегот на слоновата коска и бара преку „Вестерн јунион“ да му испратите пари.
Името на кое бараат да бидат префрлени парите е Давид Мауд, а во коментарите на социјалните мрежи има поединци што коментираат дека досега имало луѓе кои што добиле повеќе од 45 пораки од истата личност, како и дека ова не се случувало само во Македонија туку и во земји од ЕУ.
Од МВР за Нетпрес посочуваат дека досега нема пријава за ваква злоупотреба, но посочуваат дека во последните неколку години имало околу 10-тина слични ситуации каде што лица преку социјалните мрежи биле наведувани да се соблечат.
Нивниот соговорник притоа ги снимал и ги уценувал да платат пари за снимките да не бидат објавени во јавност.
Како што посочуваат од МВР, неколку случаи од нив се веќе решени, поднесени за кривични пријави има до Јавното обвинителство, за сторени кривични дела измама и изнуда.
Сепак за дел од нив сеуште истрагата е во тек, бидејќи, како што посочуваат од МВР се работи за осомничени лица кои што се државјани на странска држава. Оттаму велат дека можеби бројот на овие случаи е поголем, но оштетените најчесто од срам не го пријавуваат случајот.
Инаку, во однос на заштитата на личните податоци од Дирекцијата за заштита на личните податоци на настанот кој се оддржа по повод 10 години од формирањето на Дирекцијата најмногу претставки се поднесени за нарушување на приватноста на социјалните мрежи, а во 2014 бројот на претставки бил поголем за четири пати во однос на 2009 година.
Од претставките 89 проценти се поднесени од граѓани.
– Бројот на претставките кои секојдневно ги добиваме и кои на годишно ниво се прикажани во извештаите покажуваат дека во 2013, 2014 и 2015 година се бележи раст во нарушувањето на приватноста во поглед на социјалните медиуми, вели Директорот на ДЗЛП Димитар Ѓеорѓиевски.
Според податоците на ДЗЛП во 2014 година 245 претставки биле поднесени по електронски пат, 125 по писмен пат и една усно. Од претставките 54 проценти се однесувале за злоупотреба на личните податоци на социјалните мрежи. За бришење на лажен профил на Фејсбук се поднесени 130 барања, 12 за бришење на лажни профили на малолетни лица на истата мрежа.
За пробиено корисничко име или лозинка на профил поднесени се 47 барања.