
Синоќа во “Барклис центарот” во Бруклин, САД се одржа НБА-драфтот за 2015 година. За прв пик беше избран Карл-Ентони Таунс од екипата на Минесота.
ЛА лејкерс решија во своите редови да го донесат Д’Анџело Расел. Џејхил Окафор, кој до пред извесно време беше споменуван како главен фаворит и за прв пик, беше избран трет од страна на Филаделфија. Најразочарани се чини останаа навивачите на Њујорк никс, кои со свирежи го “поздравија” изборот на нивното раководство, кое реши да го ангажира Летонецот Кристапс Порзингис, играч кој со стилот на игра многу потсетува на Дирк Новицки.
Марио Хезоња, кој лани со успех настапуваше за Барселона, својата авантура “преку Атлантикот” ќе ја почне во дресот на Орландо. “Магичните” го имаа петтиот пик на драфтот и го избраа токму младиот Хрват, кому му се предвидува блескава иднина.
На драфтот се најде и момче родено во Македонија, охриѓанецот Чеди Осман, кој важи за еден од најдобрите млади кошаркари во Европа, но настапува за селекцијата на Турција. Откако ја предводеше младинската селекција на Турција до европска круна, Осман имаше и забележителна сезона во Анадолу Ефес, што беше доволна препорака за тој да биде избран од страна на Минесота во втората рунда од драфтот, како вкупно 31-ви пик на овогодишниот драфт.