Легализирани уште 52 дивоградби во Кисела Вода

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ, на нови 52 граѓани од општината им додели решенија за легализација на бесправно изградените објекти, со што вкупниот број на легализирани објекти се искачи на 2.393.

Во своето обраќање градоначалничката Беличанец-Алексиќ, потсети на мерките што ги воведе општината заради поедноставување на процедурата, кои овозможија на неделно ниво да се издаваат по 40 до 50 нови решенија за легализација. Ја потенцираше и улогата на граѓаните во самиот процес.

Со некомплетна документација, односно без елаборат, го доведуваат во прашање легализирањето на објектот, а со новиот рок што со измените го даде Владата, ќе имаат доволен период за изработка и доставување на геодетските елаборати. Сепак, апелираше да не се чека до последен момент, бидејќи навременото легализирање е од взаемна корист.

„Согласно новите законски измени кои Владата ги донесе по направените анализи и консултации, со цел да им излезе во пресрет на што поголем број на граѓани кои сакаат да стекнат легална сопственост на своите објекти, крајниот рок за доставување на елаборатот е пролонгиран до 31.12.2015. Сепак, апелираме да не се чека до последен момент за да се докомплетира документацијата. Заокружувањето на процесот на легализацијата е во заеднички интерес. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што значи дека и на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките,”истакна Беличанец-Алексиќ.

Таа упати апел до сите жители на општината да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор, бидејќи ќе се соочат со Општинската градежна инспекција.