Летни Олимписки игри на Специјална Олимпијада во Лос Анџелес

Летни Олимписки игри на Специјална Олимпијада во Лос Анџелес

Од 25 јули до 02-ри август во Лос Анџелес се случуваат Летните Олимписки Игри на Специјална Олимпијада, најголем глобален спортски и хуманитарен настан, на кој 7.000 атлети, 3.000 тренери од 177 земји ќе се натпреваруваат во 25 Олимписки спортови и ќе ја демонстрираат храброста, одлучноста и спортскиот дух пред повеќе од половина милион директни навивачи на спортските арени.

На овие игри свое учество ќе има и Специјална Олимпијада Македонија со најголема олимписка делегација во историјата на Македонија.

Делегацијата на овие Олимписки игри ќе учествува со 18 Атлети кои ќе се натпреваруваат во 4 спортски дисциплини: пливање, пинг понг, атлетика и јунифајд кошарка (тим составен од регуларна популација и лица со интелектуална попреченост во развојот), 5 тренери и 3 делегати, односно 26 лица.

Почесен претседател на игрите е Претседателот на САД Барак Обама, а почесни гости на церемонијата на свеченото отворање која ќе се случува во Историскиот Лос Анџелес Колисеум (каде се случувале две претходни Олимпијади 1932 и 1984) се првата дама на Соеднинетите Американски Држави, Мишел Обама, градоначалникот на Лос Анџелес Ерик Гарцети и гувернерот на Калиформија Џери Браун.

Реализацијата на овој значаен светски настан ќе биде овозможена со поддршка на 300 000 волонтери кои несебично се вложуваат во беспрекорната подготовка на настанот, а ЕСПН ќе обезбеди медиумско покривање на Олимписките игри со што сите земји учеснички ќе имаат можност директно да ги следат своите делегации. Специјална Олимпијада Македонија постои од 2004 година и е посветена на потикнување, развој и зајакнување на лицата со посебни потреби преку спорт и спортски активности со цел да станат продуктивни и почитувани членови на општеството.

Преку својата програма промовира иницијативи во здравствената и јавната сфера како и социјална инклузија на лицата со посебни потреби. Специјална Олимпијада Македонската обезбедува спортски активности на 150 атлети во Македонија давајќи има постојани можности преку различните спортови да ја развијат својата физичка кондиција, да покажат храброст, да искусат радост и преку своите редовни активности го шири духот на почитување на различностите и волонтаризам.

Претходните учества на Олимписките игри ни донесоа завидни резултати, па и медали.

Водени од слоганот на Специјална олимпијада се надеваме на успеси на атлетите кои секојдневно ги поместуваат границите.