Се виде дрскоста и дволичноста на Андреј Жерновски. Жерновски од една страна прати булдужери за да рушат, а од друга страна организираше луѓе да протестираат против булдужерите и згора на тоа и сам отиде да дава изјава против булдожерите кои сам ги праќаше. Сам против себе и своите активности, а цело време за тоа ја обвинуваше Владата. Крајно дволично и тенденциозно. Човекот е манипулатор. Покрај тоа што не работи проекти, жив го фатија и како лаже, обвини денес на прес конференција координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Томислав Лазаров.
– По скандалот со Боемската улица каде што потроши над половина милион евра за 100 квадрати плочки, по скандалот со неговата идеја да се гради Бензинска, а да го руши пазарчето Буњаковец, гаражите на Гуштеров се трет огромен скандал во кој е вмешан Жерновски. Но оваа, последната афера, со гаражите на Ристо Гуштеров беше дното кое го допре Андреј Жерновски. Тој се обидува на секаков можен начин да направи политичка конструкција од приватен спор помеѓу два приватни субјекти и во таа конструкција да ја вмеша Владата на Република Македонија. Ниту Владата има врска со овој случај, ниту Владата праќа булдужери. Напротив општинската инспекциска служба на Центар е таа која констатирала право на нужен пристап до имотот на еден од субјектите, Општината Центар е таа која постапува и ја испраќа фирмата ангажирана со договор за отстранување на бесправно изградените објекти на Гуштеров, рече Лазаров.
Лазаров посочи дека очигледно Гуштеров фатил некоја врска кај Жерновски и центарскиот градоначалник долго време не го извршувал актот, односно не извршил рушење на објектите кои се дивоградби.
– Јасно е дека Жерновски смислува план со кој ќе ја обвини Владата за наводен притисок кон Гуштеров. Лажната конструкција и манипулацијата на Жерновски се распука како меур од сапуница. Оваа срамна манипулација која се обиде да ја направи беше со цел дрско и безобразно да ја изманипулира јавноста. Жерновски оди до таму што прво ги праќа булдужерите, а потоа оди на лице место и ги спречува да ја завршат работата. Му порачуваме да престане да манипулира со граѓаните и да го прекине овој медиумски циркуз, рече Лазаров.
Како што рече, Андреј Жерновски со ваквите безобзирни манипулации ја навредува интелегенцијата на граѓаните, а уште пострашно е тоа што ваквата манипулација прераснува во негов метод на работа. Тоа само докажува на што се се спремни овие луѓе само за да дојдат до некаква лична корист.
– Очекуваме дека Ристо Гуштеров и граѓаните кои се дел од овој театар да се појават пред општина Центар и пред Жерновски и таму да протестираат. Жерновски наместо со политизација на приватен спор помеѓу два приватни субјекти треба да се зафати со конкретна работа. Доволно време создава алиби и бара други виновници за својата неспособност, рече тој.