
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, директорот на Јавното сообраќајно претпријатие- Скопје Игор Јанушев и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, утре ќе го промовираат проектот за воведување систем за автоматска локација на возила и систем за електронска наплата во автобусите на јавниот градски превоз.
Раководството на ЈСП и градските власти очекуваат со примената на системот да се подобри квалитетот на превозот и да се зголеми бројот на патници.
Најавуваат дека ќе се решат клучните проблеми во јавниот превоз со наплатата, контролата на движењето на автобусите и запазувањето на возниот ред, а предност за патниците ќе биде воведувањето еден билет кој ќе важи и во автобусите на ЈСП и кај приватните превозници.
Ќе се овозможи наплата на билет со картички и со мобилен телефон.