Музичките легенди Иги Поп, Грејс Џонс, Хенри Ролинс и Џеси Хјуз од калифорниската група „Eagles od Death Metal“ ќе играат во „најбучниот нем филм на планетата“, експериментален проект на белгиско-шведскиот режисер и визуелен уметник Бјерн Тагемосе.
Филмот „Gutterdammerung“ делумно ќе биде рок претстава, а делумно кинематографски експеримент. Музиката ќе се изведува во живо од бенд, а секоја проекција ќе има наратор во салата.
Филмот е за ѓаволската „зла“ гитара, која на Земјата ја испраќа панк ангелот (Иги Поп) за луѓето да се оддадат на пороци. Американскиот музичар и актер Хенри Ролинс игра пуритански свештеник одлучен да го уништи инструментот на ѓаволот.