Еден час игра, откако Вардар имаше неколку полуконтри, кои лошо ги заврши, АПОЕЛ ги казни црвено-црните преку Де Винсенти, кој ја погоди мрежата на Томе Пачовски по одличната асистенција на Вандер. Немања Мијушковиќ задоцни во офсајд замката, по што арбитрите пуштија играта да продолжи, а Аргентинецот од првата зицер ситуација ја погоди вардаровата мрежа. Вардарци се бореа до последен момент, но дури на крајот успеаа да дадат гол и да ја остават надежта уште некоја минута, но немаа сила за магичен пресврт.
Вардар имаше желба, се бореше, но остана недокажан повторно во нападот. За разлика од Никозија, црвено-црните покажаа дека знаат да играат, предничеше пред се Фелипе, но немаше завршница. Се завршуваше со удар надвор од шеснаесетникот, без обид да се направи голема шанса за гол.
Како и што се очекуваше, двата тима во првиот дел одиграа меч без голем ризик, па публиката на „Филип Втори” се изнагледа жестока борба, но не и многу шанси. Првата и единствена во првиот дел ја имаа гостите од Никозија, откако по карамболот во 12-та минута, Сотириу биеше од 15-на метри, а Пачовски со сигурна интервенција го спаси голот.
По таа шанса, АПОЕЛ се закануваше, но безопасно, а вардарци го користеа секој слободен простор да нападнат, но завршницата на акциите беше безуспешна и сѐ се сведуваше на шутеви од далечина. Прв се закани Фелипе во 23-та, откако прими топка на 40-на метри, бише крај голот од 25 метри.
По таа можност, пет минути подоцна, Бобан Грнчаров имаше шанса по центаршутот на бразилскиот плејмејкер, но топката лошо ја зафати со бутот во скок и топката мина над голот. По таа можност, вардарци имаа уште неколку напади, но немаше завршно додавање, туку шутеви од далечина. Се обидоа и Дејан Блажевски, Артак Дашијан, Дарко Велковски…
Токму при шутот на Велковски, Вардар ја имаше можеби и најдобрата можност, по акцијата во која Фелипе беше исфрлен во шеснаесетникот, но Бразилецот наместо да се обиде да бие кон голот на Ватерман, додаде и на крај топката од 18 метри над гол ја испрати младинскиот репрезентативец.
И второто полувреме почна како што заврши првото – без многу возбудувања и со релативно слаб интензитет што и беше очекувано имајќи го предвид исклучително топлото време. Клучниот потег гостинскиот тренер Пасиенсиа го направи во 56. минута кога во игра го внесе босанскиот интернационалец Штилиќ кој ја живна играта на својот тим. Освен тоа, тој беше иницијатор на акцијата четири минути подоцна по која Вантер на извонреден начин го проигра Де Висенти, а Аргентинецот откако излезе сам пред Пачовски, немаше проблеми да го совлада и да ја затресе нашата мрежа.
Откако ја исполнија својата цел, гостинските фудбалери повторно ја умртвија играта и мирно го приведоа натпреварот кон крајот. Сергеј Андреев се обиде со трет шпиц во нападот со внесувањето на Ацо Стојков на местото на Дарко Велкоски, но Вардар во последниот половина час создаде само една шанса за гол и тоа во последното минута од регуларниот дел преку Ивановски. Израмнувачкиот гол падна во четвртата минута од судиското продолжение кога по една долга акција, Стојков шутна од очај, топката се одби од еден противнички играч и го измами гостинскиот голман. На спротивната страна, АПОЕЛ имаше можност во 80. минута откако Вандер излезе сам пред Пачовски, но нашиот голман спречи поубедлив пораз.
Без оглед на тоа, Вардар за три години ја пропушти втората шанса за подолго европско лето. Во 2012 година му требаше еден гол за да го помине БАТЕ Борисов, а сега за АПОЕЛ. За поминување на првата пречка во Лигата на шампионите ќе мораме да почекаме барем уште една година.
Извор: Спортмедиа.мк