Издадени уште 1.853 потврди за барање азил

Од почетокот на годината издадени се 85.846 потврди за барање азил
Од почетокот на годината издадени се 85.846 потврди за барање азил

Дополнителни 1.853 потврди за барање азил издаде Министерството за внатрешни работи во изминатите три дена.

Потврдите за искажана намера за поднесување на барање за признавање право на азил во Република Македонија на странските државјани кои илегално влегле на нашата територија се издаваат врз основа на измените и дополнувањето на Законот за Азил.

Во периодот од кога започнаа да се применуваат измените на Законот за азил од 19.06.2015 до 27.07.2015 година во 08,00 часот, издадени вкупно 20.605 потврди за барање на азил на странски државјани. Од нив 15.038 се од машки пол, 2.729 се од женски, 2.647 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 191 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.

Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-15.290, потоа Авганистан-1.543, Ирак-1.172, Пакистан-676, Сомалија- 456, Палестина-396, Конго-277, Камерун-124, додека останатите се во помал број, соопштува МВР.

До Одделението за азил се поднесени 41 барања за признавање на право на азил

До Одделението за азил од започнувањето на издавање на потврди за барање азил, досега се поднесени 41 барања за признавање на право на азил. Од нив 31 барања се од државјани на Сирија меѓу кои и 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.

Во Прифатниот центар, евидентирани вкупно 22 баратели на азил

Во Прифатниот центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил до денес се евидентирани вкупно 22 баратели на азил, од кои 13 баратели на азил се мажи, 2 баратели на азил се жени и 7 баратели на азил се малолетни лица.

Oд присутните баратели на азил во ЈУ Прифатниот центар, 2 баратели на азил се малолетни лица без придружба на старател, додека пак бремени барателки на азил како и баратели на азил со повреди не се регистрирани, информира МВР.