
Премиерот Никола Груевски вечерва се упати кон Тетово каде што попладнево имаше невреме со обилен дожд, во кое за несреќа починаа петмина, а повеќемина се повредени, според последните информации.
Премиерот Груевски во Тетово ќе направи непосреден увид во состојбите на теренот на лице место, ќе се види ситуацијата на терен и ќе се утврди што дополнително треба да се направи за менаџирање со состојбите, информираат владини извори.
Три возрасни лица и две деца, го загубија животот во силното невреме кое го зафати Тетово и околните села. Соред полициски информации во невремето загина малолетно момче од Голема Речица чиј идентитет се уште не е утврден, како и 13-годишно девојче од тетовска Шипковица, чиј идентитет е веќе утврден. За утре е закажана и владина седница по повод предизвиканите поплави од обилните врнежи на која ќе се утврдуваат понатамошните активности и помошта за населението и субјектите.

Сепак, точната бројка на загинати и повредени ќе се утврди во текот на утрешниот ден.
Од тетовската болница информираат дека кај нив е донесено безживотно тело на 13 годишно девојче најверојатно од Шипковица додека нивните екипи се постојано на терен и се обидуваат да им пружат помош на повредените за кои постојано добиваат повици. Според непотврдени информации на жители од планинското село Шипковица невремето усмртило две деца на возраст од 4 и 5 години при што телото на едното дете се уште не е пронајдено а загинал и старец од околу осумдесет години додека се враќал од селската џамија. До Шипковица вечерва не може да се дојде поради одрон што го блокирал патот а селото е и без струја, а според жителите има огромна материјална штета. Блокиран е приодот од Тетово кон Голема Речица односно улицата 172, каде подружницата на Дирекцијата за заштита и спасување ангажирала осум булдожери и друга тешка механизација, објави „Канал 5“.
Арифи: Тетово e подготвено да се справи со хаосот од невремето
Градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи ги посети критичните места како Голема Речица. Таа изјави дека ситуацијата е сериозна, но општината е подготвена да се справи со настанатиот хаос.
Целокупната механизација со која располага општината е веќе не терен, а Советот на општината ќе свика седница за дополнителен договор за справување со настаната ситуација.