Во буџетот на Државната изборна комисија (ДИК), за одржување на претседателските избори, се предвидени 245 милиони и 430 илјади денари.
На седницата беше предложена измена на изгледот на Избирачкиот список (ИС), за што постои начелна согласност од страна на сите членови.
Претседателот на ДИК Никола Рилкоски изрази двоумење за тоа дали сега треба да се расправа за измена на изгледот на ИС и притоа предложи таа да се разгледа на друга седница по завршувањето на претстојните избори.
Беше донесен заклучок од МВР да се побара информација како се водат податоците во изворните документи односно на кој јазик, а од Државниот завод за статистика да одговори дали ќе може да се направи промена на изгледот на Избирачкиот список имајќи ги предвид претстојните избори. Предлогот, што го изнесе Бедредин Ибраими, е за секој избирач да има посебна графа за да нема забуни при заокружувањето и потпишувањето и да се елиминираат сите можни грешки од тој тип.
Потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи побара Избирачкиот список да биде двојазичен во општините каде припадниците на етничките заедници се над 20 проценти, а тоа според него е во 33 општини. Според него, ДИК е надлежна за изгледот на Избирачкиот список.
Предлогот го поддржа и Бедредим Ибраими според кого треба да се провери дали евиденцијата во МВР се води двојазично односно дали податоците се внесуваат врз основа на поднесеното барање од страна на барателите. Ибраими смета дека нашите закони се половични во однос на рамноправноста на етничките заедници односно употребата на албанскиот јазик.
Влатко Сајковски, член на ДИК, апелираше на, како што рече, побрза проактивност во правец да не се закочи работата со печатењето на изводите од Избирачкиот список. – Ова прашање треба да биде разрешено што е можно поскоро, рече Сајковски.
ДИК ја прифати одлуката јавен повик за гласање на државјаните на Македонија кои се на привремена работа во странство и за пријавување за гласање на претседателските избори да биде објавен во најтиражните весници. Образецот за пријавување за гласање може да се преземе од веб страната на ДИК и од македонските дипломатски претставништва во светот. Првпат македонските државјани во странство ќе можат да гласаат за претседател на државата.
Над 68.000 лица кои не живеат во државата подолго време во Избирачкиот список се обележани со ѕвездичка, но сите други кои се иселиле од државата а кои сакаат да гласаат ќе треба да достават законска дозвола за престој и дозвола за работа. Дополнително ДИК ќе донесе упатство за гласање на дијаспората. Во изборните единици седум, осум и девет каде што гласа дијаспората, изјаснувањето ќе биде на 12 април, ден пред првиот круг од претседателските избори.