Во 2012 година, во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ се возеле околу 52 милиона патници, четири милиони повеќе отколку пред пет години, говорат бројките од последниот Годишен извештај за работењето на ЈСП, пренесува дневниот весник „Дневник“.
Според весникот, на жичницата „Милениумски крст“ пак се качиле 278.000 луѓе.
Менаџментот на претпријатието појаснил дека во вкупната бројка на корисници на автобускиот превоз, не влегува бесплатното возење на стари лица над 62 односно 64 години, како и на деца под шест години, имајќи предвид дека за нив не се издава билет. Во статистиката на превезени луѓе влегуваат тие што користат претплатни билети, како ученичко-студентски, луѓе што се дел од групни возења, возрасните и пензионерите што плаќаат карти, фабричките договорни возења, корисниците на еднодневните, месечните и на годишните карти и други.
Сепак, без разлика на големата бројка на превезени, претпријатието не продало исто толку билети, имајќи предвид дека едни луѓе користат месечни, други годишни карти, некои се возат во договорени тури или станува збор за ученици од средно училиште, чие возење го субвенционира Министерството за образование. Преклани е регистрирана продажба на 462.341 билети. Во просек продажбата секоја година растела за 5.000.
Директорот Мишо Николов смета дека бројката на корисници на нивните услуги во голема мера е зголемена, пред се` благодарение на обновата на возниот парк, но и на други фактори.
„За ваквите позитивни трендови придонесуваат и многутепозитивни придвижувања во Градот Скопје, од кои би ги издвоил: лиценцирањето на такси-превозот, изградбата и проширувањето на голем број булевари по кои се движат градските автобуси и воведување нови и продолжување постојни линии “, изјавил Николов за „Дневник“.
Нивните автобуси во 2012 година поминале вкупно 17,3 милиони километри, речиси еден милион повеќе отколку во претходната година. Статистиката вели дека дневно еден автобус во просек минувал по 236 километри, а возач – по 84 километри.