Преку јавна и транспарентна електронска аукција ќе се доделуваат ловишта во повеќе региони во Македонија, најавија денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски.
На 27-ми декември минатата година беше донесена Одлука за започнување постапка за доделување на концесии за дивеч во ловиштата низ Македонија, по што на 22-ри јануари беше формирана Комисија за спроведување на постапката, додека на први овој месец беше објавен јавниот повик.
„Пред десетина дена беше распишан јавниот повик на кој што се предвидени за давање под концесија 39 ловишта во Република Македонија кои што припаѓаат во 11 ловни региони во нашата земја“, рече денеска Ѓорѓиев.
Ловните региони опфаќаат повеќе градови во земјава и тоа Македонски Брод, Берово, Прилеп, Тетово, Велес, Свети Нилоле,. Радовиш, Штип, Битола, Делчево и Кочани.
Доделувањето на концесии за ловиштата, како што нагласи Ѓорѓиев, ќе обезбеди низа економски бенефити, ќе помогне во поттикнување на локалниот економски развој и отворање нови работни места.
Вкупно 26 ловишта, како што рече ресорниот министер, се за ситен дивеч и нивната концесија е за 10 години, додека 13 ловишта се за крупен дивеч и рокот на концесијата е 20 години.
„Почетниот износ на наддавање ќе биде највисокиот понуден износ на надоместок на концесии на дивечот во ловиштата утврден во понудата за ловиштата посебно на јавното отворање на доставените понуди“, рече Димовски.
Оваа постапка за електронска аукција ќе овозможи целосно објективно доделување на концесиите за ловишта во Македонија.
„Целокупниот процес ќе финишира со јавна електронска аукција која што се воведува за прв пат во оваа постапка за издавање на ловиштата под концесија и која е значајно унапредување на сите процеси и од тој апсект може да истакнеме дека со воведувањето на овој принцип на финално одлучување преку процесот на јавна електронска аукција, која што ќе биде видлива за сите субјекти се отстрануваат сите можности за субјективно однесување од било кој субјект кој учествува во постапката“, додаде Ѓорѓиев.
Победник на електронската аукција ќе биде оној правен субјект кој ќе понуди највисок надомест за концесија на дивечот во ловиштата. Електронската аукција ќе се изврши и во случај доколку на истата учествува само еден правен субјект и направи само еден чекор во наддавањето.