Контроверзниот директор на Националниот-историски музеј во Софија, Божидар Димитров продолжува со провокации кон Македонија и македонскиот народ, започнувајќи една необична кампања со која би сакал од Македонците да направи Бугари, јавува АРД, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
Димитров секоја сабота има сопствена историска емисија на еден бугарски канал. Овој 70-годишник се смета себеси за чувар на бугарското историско наследство и пропагандист на националните прашања, а во нашата земја е познат како голем провокатор. За да ја оствари својата цел, поранешниот министер за Бугарите во туѓина бара промени во законите.
Со популистички тези овојпат тој бара промена на законот, што ќе овозможело Македонците со бугарски корени само врз база на усно изјаснување- на бугарски јазик- да добијат бугарско државјанство. Писмени докази за бугарското потекло, како досега, повеќе не би биле потребни.
1.300 години сѐ до 1944 во Македонија живееја Бугари. И еден убав ден некој им рече дека повеќе не се Бугари, туку Македонци. Дека немаат ништо заедничко со Бугарија, дека ќе им биде создадена држава, ќе им биде напишана сопствена историја и посебен јазик. И така и беше сторено. Но во последно време се јавуваат проблеми со идентитетот, вели Димитров.
Речиси 500 илјади Македонци на тој начин можат да станат Бугари, а со тоа и граѓани на ЕУ, се надева директорот на музејот. Тоа би претстаувало една четвртина од севкупното население во Македонија. На тој начин би се потврдила и неговата теза за бугарското потекло на Македонците, која историчарот Димитров остро ја брани. И тој и неговата теза се контроверзни, со оглед на тоа што Димитров порано работел за комунистичката тајна служба и поради тоа морал да се откаже од министерската функција, пишува Дојче Веле. Но, сепак тој и натаму се залага за промена на законот, во чиј успех нема никаков сомнеж:
Кога добро би се организирале, затоа што не е потребен само закон, туку и политичка волја, можеме Македонците поединечно многу брзо да ги внесеме во ЕУ. На тој начин ќе ги решиме и нашите демографски проблеми, вели Димитров.
Димитров во нашата јавност е познат како дежурен антимакедонист, кој редовно излегува со скандалозни и контроверзни тези кои се против македонското национално прашање. Меѓу неговите бројни испади, јавноста добро ги памети изјавите дека во земјата има малцинство од 120 илјади Бугари, додека, пак, во Бугарија само пет илјади Македонци, потоа дека комитите се србомани, дека Македонија ќе се распаднела исто како Украина, дека Источна Македонија можела да побара да се приклучела кон Бугарија и низа други провокации и скандалозни изјави.