Дијаспората е нераскинлив дел од македонското ткиво и силен подржувач на државата. Треба да остане правото на глас и на избор на нивни пратеници во Парламентот бидејќи тоа е симболичен гест на државата за да се оддолжи за нивната поддршка и да се слушне нивниот глас во Парламентот. Премиерот Никола Груевски уште еднаш застана во одбрана на правото на глас на македонската дијаспора.
Груевски: Да не се ускратува можноста за гласање и за пратеници од дијаспората
Без оглед на причините поради кои се иселиле од Македонија, најголем дел од нив со душа и срце и помагаат на Македонија, ги следат настаните во Македонија, придонесуваат за развојот на Македонија. Оттука, би апелирал до сите политички партии да не се ускратува можноста не само на глас на дијаспората, туку и на нивни пратеници.
Ова го посочи премиерот Груевски во одговор на новинарско прашање по посетата на ОУ „Никола Петров Русински“ во населено место Русиново, Беровско и нагласи, оти тоа ќе ќе значи дека ние овдешните политички чинители сакаме да го тргнеме нивното мислење, да не се почитува и да не се слушне во Парламентот.
Она што во изминатиот период се предлагаше беше не да се укине гласањето на дијаспората, туку да се направат такви законски измени со коишто дијаспората ќе има еден или ниеден пратеник. Доколку опозицијата или која било партија има забелешки на изборниот процес и неправилности во изборниот процес ние сме целосно отворени да ги разгледаме, да промениме нешто, да подобриме, да надградиме, но не и да се направат закони со кои де јуре дијаспората ќе има три пратеници, но де факто во реалноста кога ќе дојдат изборите ќе има еден или ниеден пратеник. Такво нешто не е фер кон луѓето во дијаспората. Тоа е на некој начин работење зад грб на дијаспората, прецизира премиерот.
Некоректно е да се бара да гласаат одреден број гласачи од дијаспората
Премиерот, покрај тоа што посочи дека дијаспората е нераскинлив дел од македонското ткиво, тој нагласи оти некоректно е да се бара во дијаспората да гласаат седум, осум до девет илјади луѓе за избор на пратеник, бидејќи, како што вели, тие не се во иста ситуација како домашните гласачи.
Јас или господинот Заев и кој било друг политичар во Македонија или кој било граѓанин во Македонија гласаме во нашата улица или во соседната улица. Тие луѓе во најдобар случај патуваат по 10 до 15 километри, а нејчесто по 100, 200, 300, 500, а некогаш и по илјада километри за да гласаат и нормално е дека таму гласањето е со помал број на гласачи, но она што е важно дека на секои избори одѕивот и интересот на гласачите во дијаспората расте. Треба да се остави таа шанса што ја имаат, да не се прават законски акробации со кои де факто ќе им се одземе пратеникот, туку да се даде шанса да се вложат напори бројот на гласачи од нивна страна да расте и да се слушне нивниот став со нивен пратеник од таму во Парламентот на Македонија, рече груевски.
Тоа, потенцира, е најмалку што можеме да им возвратиме и е симболичен гест на државата да и овозможи на дијаспората да има свој претставник во Парламентот.