Пронајдени се телата на жртвите на индонезискиот авион на компанијата „Тригана ер“, кој во саботата исчезна од радарите. Спасувачките екипи ги откриле телата на сите 54 жртви на индонезискиот авион, кој се урна пред два дена во изолиран планински регион на Индонезија.
Нема преживеани. Пронајдени се 54 трупа, изјави портпарол на Министерството за транспорт на Индонезија.
Во авионот во моментот на несреќата имало 49 патници, меѓу кои пет деца и пет членови на екипажот.
Телата на жртвите на индонезискиот авион ќе бидат итно евакуирани од местото на несреќата и по нивна идентификација ќе бидат предадени на семејствата.
Авионот на компанијата „Тригана ер“ бил целосно уништен пред да удри на земја, а телата се целосно изгорени, истакна Хенри Бамбанг Соелисто, раководител на Националната агенција за потрага и спасувачки операции.
Авионот удрил во планина
Индонезискиот авион удрил во планина. Оваа претпоставка и официјално е потврдена, откако претходно анонимни извори даваа слични претпоставки за тоа што би можело да се случи со авионот што во саботата исчезна од радарите.
Жители на провинцијата Папуа на крајот од истокот на Индонезија известиле дека авионот што во саботата исчезна со 54 патници, се срушил на тоа подрачје, изјави официјално лице од компанијата „Тригана ер“. Според информациите, авионот што во саботата исчезна од радарите, удрил во планина. Оперативниот директор Бени Сумарјанто изјави дека компанијата добила известување за пад на авионот од едно село во близина. Информацијата е потврдена од генералниот директор за авиосообраќај при индонезиското министерство. Тој изјавил дека според исказите на очевидци, авионот удрил во планина.
Авионот го пронашле жители на селото. Според нив, индонезискиот авион удрил во планина. Во тек е процедура за верификација, изјавил директорот.
Шефот на индонезиската национална управа за потраги и спасување за Ројтерс во саботата потврди дека контактот со авионот е изгубен.
Авионот летал на домашна линија меѓу Џакарта и Оксибил и исчезнал од радарите 10 минути пред да слета во Оксибил.