Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, веројатно ќе поднесе оставка од функцијата. Ова го објавуваат речиси сите грчки медиуми.
Ако навистина се случи Ципрас да поднесе оставка, тогаш грчкиот парламент ќе треба да биде распуштен веднаш, и ќе треба да се распишат итни парламентарни избори.
-Инаку, денеска се очекува Ципрас да се сретне со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, и официјално да ја обелодени својата оставка од функцијата премиер во грчката влада, објавуваат медиумите во Грција.
Во тој случај претседателот е должен да ја почне процедурата за предвремени парламентарни избори, а како можен датум се споменува 20 септември, годинава.
Но, според пишувањата на грчките медиуми, ако Ципрас поднесе оставка тогаш не се исклучува одржување на избори на 13 септември, годинава.
Инаку, пред неполн еден месец, германските медиуми објавија дека Ципрас интензивно размислува за предвремени избори кои би се одржале на 13 или 20 септември.
Според пишувањата тогаш, Ципрас сака да има избори веднаш по одобрувањето на третата програма за помош, со оглед на тоа што сака да ја реконструира СИРИЗА и да си обезбеди нов чист почеток.
Владата на Грција тврди дека нема намера да распише предвремени избори
Олга Геровасили, портпарол на Ципрас, кон крајот на јули, годинава, изјави дека Владата на Грција нема намера да распише предвремени избори, се додека не ги заврши преговорите со своите партнери од еврозоната за новиот пакет помош.
– Избори во моментов не би биле корисни и Владата нема намера сега да ги организира, рече таа и додаде дека „целта е да се финализира договорот со Европа, земјата да се врати во нормала и да се постигне стабилност“.
И лидерот на грчката најголема опозициска партија Нова демократија Вагелис Мимаракис, тогаш, се изјасни против предвремени избори и изрази намера да соработува со премиерот.
– Изборите ќе бидат катастрофа за економијата, рече Мимаракис во интервју за јавниот радиодифузен сервис, додавајќи дека неговата партија ќе победи доколку тие се одржат.