Повеќекратни експлозии и пожар во склад на американска база во предградието на Токио го осветлија небото во текот на минатата ноќ. За среќа во инцидентот нема повредени, пренесува Танјуг, повикувајќи се на соопштение од јапонските власти.
Експлозијата се случила нешто по полноќ по локално време во склад во градот Сагамихара, околу 40 километри југозападно од Токио, изјавил портпаролот на Пентагон Бил Урбан.
Во зградата во која што се случила експлозијата се чуваат азот, кислород, фреон и воздух, се наведува во соопштението на американската база во Јапонија.
Фотографиите од базата, кои што се направени веднаш по експлозијата, а кои што беа објавени од страна на американската војска прикажуваат повеќе десетици канистери на подот, а полиците за чување се целосно уништени.
Ѕидовите на еднокатницата не се срушиле, но оштетени се прозорците и вратите и срушена е половина кровна конструкција, соопшти Војската.
Видео снимките објавени од јапонските телевизии, снимени од височина го прикажуваат пожарот,а потоа и повеќе експлозии.
Во комплексот на складот на американската база, која е на површина од 196 хектари и се наоѓа во густо населено подрачје од градот, вработени се околу 500 Јапонци и 300 американски војници.