Сите пријавени 20 маратонци влегоа во водите на Охридското Езеро кај Свети Наум, каде точно на пладне беше означен стартот на годинешниот Охридскиот пливачки маратон, четврт на распоредот во рамки на „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).
Главниот судија на маратонот, Соња Дубалова-Делова, за МИА изјави дека сите маратонци во моментов пливаат во група, блиску еден до друг, борејќи се за што подобра позиција. Според неа, моментално темпото на трката е некаде меѓу 76 до 80 завеслаи во минута, а временските услови денеска на Охридското Езеро идеални – со мирна површина на водата без ветар и температура на водата од 23 степени Целзиусови.
На Охридскиот пливачки маратон, редовна трка од „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА), се плива на патеката „Климе Савин“ од манастирскиот комплекс „Св. Наум“ до Градското пристаниште во Охрид, со вкупна должина од 30 километри. Првите маратонци на целта во Охрид ќе пристигнат некаде пет часа подоцна.
Рекордот на маратонот во Охрид му припаѓа на Аксел Рејмонд, постигнат пред две години кога, тогаш 19-годишниот француски маратонец, патеката ја исплива за 5:09:54(95) часа.
Боите на Македонија денеска ги бранат четворица маратонци и тоа Александар Панчевски, Александар Илиевски, Томи Стефаноски и Евгениј Поп Ацев, кој во генералниот пласман во моментов е на одличното трето место со освоени 23 бода.
Инаку, на Охридскиот пливачки маратон во машка конкуренција засега на табелата води Французинот Бертранд Вентури со 28 бода, а кај маратонките најдобра во моментот е Пилар Геиљо од Шпанија со 43 освоени бода.