
Нова детска градинка која ќе згрижи 100 дечиња, ќе се гради во Горно Лисиче. Градинката која ќе биде заеднички финансирана од Министерството за труд и социјална политика и општината Аеродром, ќе почне да се гради во октомври, а веќе следната година ќе биде ставена во функција.
Новата детска градинка, што градоначалникот Ивица Коневски и министерот Диме Спасов, ја најавија, ќе биде изградена на местото на некогашната стара спортска сала во дворот на основното училиште „Гоце Делчев“. Според проектот, објектот ќе ги исполнува сите неопходни стандарди за ваков тип на институции и ќе овозможи современи услови за згрижување и престој на деца од претшколска возраст.
Изградбата на нова детска градинка, како што рече градоначалникот Коневски, е реална потреба со оглед на зголемениот број дечиња во нашата општина. Грижата за децата е континуирана.
Претходно ја изградивме градинката „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“, a ги проширивме и капацитетите на постојните детски градинки и целосно ги реконструиравме, со цел да се овозможат што подобри услови за престој и воспитување на децата од претшколска возраст, за тие да израснат во достоинствени граѓани на Република Македонија, истакна Коневски.

Министерот Спасов истакна дека инвестицијата за новата градинка е вредна 16 милиони денари.
Објектот ќе содржи две големи занимални, простор за прием, кујна, санитарни јазли и административен простор и тоа на површина од 320 квадратни метри.
Детската градинка ќе биде опремена со креветчиња, масички, столчиња, плакари, нагледни средства и играчки. Објектот ќе биде енергетски ефикасен, а материјалите за изградба ќе бидат еколошки прифатливи.