Претседателот на Украина Петро Порошенко денеска изјави дека екстремистите мора да се откажат од идејата да организираат илегални избори во Донбас.
За време на состанокот со претставник на Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ) во Трилатералната контакт група за решавање на ситуацијата во Донбас, Мартин Зајдик, украинскиот претседател побара итно започнување на разговори за одржување на локалните избори во поединечни подрачја во Доњецк и Луганск во согласност со украинскиот правен систем и стандардите на ОБСЕ.
Мораме да организираме избори строго во согласност со договорот од Минск, во согласност со украинскиот правен систем, со принципите на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХИР) во присуство на странски набљудувачи кои ќе го гарантираат почитувањето на стандардите на ОБСЕ, посочи Порошенко.
Toj додаде дека изборите мора да бидат слободни и фер.
Порошенко бара ЕУ да ги продолжи санкциите против Русија
Украина очекува дека Европската унија ќе ја продолжи важноста на санкциите против Русија поради случувањата во Крим и Донбас, изјави украинскиот претседател Петро Порошенко по средбата денеска во Брисел со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, објави МИА.
Ние разговаравме за продолжување на санкциите против Русија и се договоривме дека ЕУ најбрзо што може ќе одреди нов пакет санкции против земјата. ЕУ е разочарана од продолжувањето на насилството во Украина, која е наша пријателска земја – рече Порошенко на заедничката прес-конференција по средбата.
Тој повторно ги повика сите страни во конфликтот целосно да ги исполнат договорите од Минск и апелираше до Русија, која според него не ги исполнува целосно своите обврски.