„Дневник“: ПлусИнфо на Героски како Пинокио

ПлусИнфо на Героски како Пинокио“, ова е насловот на текстот објавен во весникот „Дневник“, во однос на текстот што споменатиот портал го објави во вторникот, а кој се однесуваше на непостоечката анкета на ИРИ, според која има намалување во разликата помеѓу рејтингот на двете најголеми партии во земјава.

ВМРО-ДПМНЕ имала рејтинг од 19 отсто, а СДСМ 16 отсто. Разликата меѓу двете партии, која во јуни изнесуваше 12 отсто во полза на владејачката партија, сега се намалила на три отсто. Така објави многу професионалниот „Плусинфо“ на Бранко Героски, пишува весникот „Дневник“.

„Дневник“: ПлусИнфо на Героски како Пинокио
„Дневник“: ПлусИнфо на Героски како Пинокио

„Дневник“ нагласува дека порталот во оваа вест се повикал на некојси интернет-портал „Факте.нет“, кој, пак, информацијата ја пласира како анкета на американскиот ИРИ.

За волја на вистината, интернет-порталот на Героски наведе дека не можело многу да се провери веродостојноста на „Факте.нет“, ама наводната анкета на ИРИ сепак ја пушти. Толку за професионалноста на типот кој вчера нешто попуваше за „Дневник“ и менаџментот на МПМ. Kако и да е, ИРИ за кратко време реагира, кажаа луѓето дека веста е лажна, очигледно имало и влечење за уши, па „Плусинфо“ ја повлече информацијата. Не постои. Kако беше она? Час гледаш час не гледаш! На „Факте.нет“, кој патем е интернет-портал на албански јазик, информацијата остана. Инаку, „Факте.нет“ постои од пред само 20-ина дена, а проверката за овој портал може да се направи само за половина час така што со малку труд и без тенденциозност ќе биде јасно дека информацијата за наводната анкета на ИРИ, според која разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е само три отсто, не вреди повеќе од пет пари. Веб-порталот „Факте.нет“ во главниот јавен регистер е регистриран на 14 август 2015 година од фирмата „Солит ДОО“. Се наоѓа во Македонија и може да се контактира на примарната ИП-адреса „Факте.нет 107.151.6.162“, пишува „Дневник“.

Весникот понатаму нагласува дека токму од ваков портал била пласирана лага на која се налепи  славниот професионалец.

Толку и за него, ама кутриот, мора со нешто да се занимава. Kога не знае со што, тогаш со лажење. Kако, на пример, пред извесно време, можеби еден месец, кога во неговиот весник беше објавено дека просечната плата во РМ е некаде околу 230 евра. А со два клика, не повеќе, ќе дознаеш дали е толку или не. Инаку, според наводната анкета, освен намалување во разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ, постои и опаѓање на популарноста на ДУИ и ДПА. Интересно е што се бележи драстично опаѓање на популарноста на ДУИ, иако, наспроти личните желби, тоа на терен не се забележува, ниту постојат индиции за такво нешто, пишува весникот.

ИРИ: Нема ново истражување во Македонија

Инаку, институтот ИРИ веднаш по објавувањето на споменатата вест од страна на порталот „ПлусИнфо“ веднаш ги отфрли тврдењата изнесени во неа, како и информациите дека е направена нова анкета.

Од ИРИ за Курир изјавија дека последното истражување на јавното мислење во Македонија, е спроведено во периодот од 6 до 15 јуни 2015 година и е објавено на веб страницата на ИРИ. Од тогаш, ИРИ нема спроведено друго истражување во Македонија.

Нема нова анкета на ИРИ, ниту е спроведена, ниту е објавена. Пративме демант до сите медиуми кои објавија таква вест, изјави за Курир, Илина Мангова, директор на програмата на ИРИ во Македонија.

Инаку, според последната анкета на ИРИ, ВМРО-ДПМНЕ е со убедлива и огромна предност пред СДСМ и има повеќе од двојна предност. ВМРО-ДПМНЕ убедливо води со 23 отсто доверба меѓу граѓаните, наспроти политичкиот опонент СДСМ во кого веруваат само 11 отсто од анкетираните.