За СДСМ, CNN еднаш е CNN, a еднаш не е CNN

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија пред два дена држеше прес-конференција во Битола и ја обвини Владата дека реномираната телевизиска куќа Си-Ен-Ен објавила вест за негрижата на Владата за музичкото средно училиште, пишува „Курир“.

Пред само два дена, во рубриката CNN iReport беше објавена веста за руинираното средно музичко училиште во Битола. Ова секако беше доволно медиумите под контрола на опозицијата  ударно да ја пренесат оваа вест, а огранокот на СДСМ од Битола да одржи прес-конференција на која ја обвини владата за негрижа.

Пред два дена, на Радмила Шекеринска и СДСМ не им пречеше тоа што веста за битолското училиште беше објавена на CNN iReport, тогаш CNN iReport за СДСМ беше CNN, угледната светска медиумска куќа.

Денеска CNN iReport објави вест за можната корупција во случајот на Шекеринска и „Дајнерс“. СДСМ и Шекеринска денеска веднаш се побунија, велејќи дека тоа не е CNN, туку CNN IReport. За само два дена, Шекеринска и СДСМ го сменија ставот за 360 степени, пред два дена CNN iReport беше доволен да излезат на прес-конференција и да ја обвинуваат владата, за денеска да излезат со став дека “секој човек од планетава може да прати свој текст и фотографија“.

Исто како и СДСМ, и медиумите кои се под нивна контрола покажуваат двојни аршини и двојни стандарди.  После ова, станува јасно дека единствен критериум кај опозициските медиуми при објавувањето на одредена информација е тоа дали таа е корисна за СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, а не дали во неа има вистинитост, објективност и професионалност.

Ова не е првпат СДСМ и неговите медиуми еднаш едно да зборуваат за иста работа, а еднаш спротивно за истата таа работа, како што им одговара во дневната политика. Ова не е изненадување, бидејќи СДСМ истата пракса и двојните аршини ги користи и кога е во прашање спорот за името, кога станува збор за минималната плата, за економијата, за стечајците и за многу останати други прашања кои се од важност за граѓаните.

Прикажувајќи двојни стандарди,  новинарските послушници на СДСМ и самата партија повторно се демаскирани, манипулациите и невистините по којзнае кој пат излегуваат на површина.