Место да се заканува со кривични пријави, на господинот Андреј Жерновски би му било подобро да излезе пред македонската јавност и да и признае: дали бил во контакт со претставници на Маѓар Телеком и Дојче Телеком додека бил пратеник во Собранието и член на Комисијата за транспорт и врски?
Ова го пишува порталот „Република“ по најавата на градоначалникот на општина Центар дека ќе поднесе кривична пријава против медиумот, за новинарскиот текст кој денес беше објавен, а истовремено е поткрепен со низа документи.
Господинот Андреј Жерновски неодамна направи тежок гаф, кога, обидувајќи се да изигрува приватен детектив, одржа прес конференција во која, врз основа на криминално креираната архива на шпионот Зоран Верушевски, се обиде лажно да ја обвини Владата на Република Македонија за вмешаност во смртта на новинарот Никола Младенов. Во овој свој несмасен обид, Жерновски успеа да постигне две работи – да им нанесе дополнителна тешка болка на најблиските на Младенов, за што потоа мораше да се извинува, и да ги разоткрие своите лични деловни врски со Ристо Пенов, пишува „Република“.
Се работи за сериозен доказен материјал кој е доставен пред Окружен суд во Њујорк
Порталот нагласува дека денес овие две имиња, имињата на Ристо Пенов и Андреј Жерновски, можеме да ги видиме запишани во еден дел од опсежното корупциско досие за аферата Телеком.
Документот кој денеска го објави Република се однесува на систематското потплатување на македонски политичари, од коалицијата предводена од СДСМ, во периодот од 2003 до 2005 година од страна на Маѓар Телеком и Дојче Телеком. Потенцираме дека во случајов не се работи за криминално креирани произволни докази, туку за сериозен доказен материјал кој е доставен пред Окружен суд во Њујорк, и кој еднаш веќе успешно беше употребен во процес против Маѓар Телеком и Дојче Телеком – процес во кој овие две компании ја признаа вината и потврдија дека нелегално им давале мито на политичари од коалицијата предводена од СДСМ, а во која дел беше и Либерално-Демократската партија каде тогаш важен актер беше и самиот Жерновски. Документите кои денеска ги објави Република посочуваат дека раководството на Македонски Телекомуникации изготвило план за систематско потплатување и корумпирање на политичари кои им биле важни во нивниот план за одржување на монополската позиција која ја имаа во Македонија. Во документот многу јасно и прецизно се посочува дека Ристо Пенов ќе биде задолжен да пристапува кон пратениците од неговата партија – ЛДП – а меѓу овие пратеници на кои ќе им се пристапи со оваа непристојна понуда наведен е и Андреј Жерновски. Целта на Маѓар Телеком и Дојче Телеком била да се “подмачкаат”пратениците во македонското Собрание со цел да гласаат за закон кој е исклучително штетен за македонските граѓани – со овој закон граѓаните беа принудени со години да плаќаат прекумерно високи суми за мобилна, фиксна телефонија и интернет и да немаат сериозен избор на конкурентска телеком компанија која би ги намалила цените на услугите. Во документот дополнително е наведено дека, за оваа цел, на располагање ќе бидат ставени два милиони евра, кои ќе се користат доколку работата „некаде запне“, пишува порталот.
Жерновски да признае дали бил во контакт со претставници на Маѓар Телеком и Дојче Телеком
Затоа, место да се заканува со кривични пријави, на господинот Андреј Жерновски би му било подобро да излезе пред македонската јавност и да и признае: дали бил во контакт со претставници на Маѓар Телеком и Дојче Телеком додека бил пратеник во Собранието и член на Комисијата за транспорт и врски? Дали се среќавал со неговиот ментор Ристо Пенов по ова прашање? Дали му биле нудени пари да гласа за закон кој е штетен на интересите на граѓаните на Република Македонија? Дали прифатил да земе пари за оваа цел?
Ова се прашањата што порталот ги упати до градоначалникот на општина Центар по неговата најава дека ќе поднесе кривична пријава.
„Република“ пишува дека Андреј Жерновски не може да побегне од фактот дека беше дел од владејачка коалиција која е вмешана во исклучително тежок корупциски скандал, кој се протега преку Унгарија и Германија до Соединетите Американски Држави. Јавноста добро знае дека Владата предводена од СДСМ,со учество на ДУИ и ЛДП, грчевито се бореше за да спречи отворање на пазарот на телекомуникации во Македонија. Јавноста исто така знае дека дури по доаѓањето на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година беа направени сериозни чекори за отворање на телекомуникацискиот пазар, за влез на нови, големи, конкуренти странски компании кои донесоа драстично пониски цени и далеку поголема достапност на телефонијата и интернетот.
Особено политичар како Жерновски, кој многу сака да се претставува во јавноста дека наводно е во контакт со младите и дека ужива поддршка на интернет, преку социјалните мрежи, мора да излезе пред своите млади гласачи и да им објасни дали тие социјални мрежи денес воопшто ќе постоеа доколку продолжеше монополот во телекомуникациската дејност во Македонија, како што очигледно посакувала коалицијата во која тој беше дел. За крај, господинот Жерновски мора да знае дека никакви закани со кривични пријави против медиумите нема да спречат излегување на вистината за овој огромен корупциски скандал бидејќи јавноста има право да знае кој точно со години и ускратувал пристап до една од основните придобивки на 21 век и се обидувал да ја задржи во минатото, без пристап до ефтин и достапен интернет, пишува порталот.