Намален напливот на бегалци

За разлика од претходните денови, денес напливот на бегалци кои во Македонија доаѓаат од Грција е помал, а со тоа стивна и притисокот на нашата јужна граница.

Од железничка станица во Гевгелија информираа дека во текот на вчерашниот ден од платформата кај прифатниот камп во Гевгелија кон Табановце заминале четири специјални возови со околу 2.500 бегалци и дека моментно се товари првиот денешен воз со околу 1.000 мигранти кој треба да замине кон северната граница.

Гевгелиските железничари велат дека патничкиот сообраќај кон Грција сеуште се одвива со автобус од Гевгелија до Поликастро затоа што во тек е изградба на мост во Грција во пограничното место Идомени. Во товарниот железнички сообраќај нема застој освен што поради градежните работи во Идомени е воспоставен посебен режим на превоз кој се одвива само во попладневните часови.

Проценките на УНХЦР и Меѓународниот Црвен крст исто така велат дека вчера низ земјава транзитирале помалку бегалци односно дека,вклучувајќи ги и оние што патуваа со автобуси и такси возила, низ земјава транзитирале околу 4.500 бегалци.

На мигрантите кои во прифатниот камп во Гевгелија пристигнуваат периодично во групи од 100 до 200 луѓе им се дели храна и вода. Црвениот крст вчера донираше една инвалидска количка на мигрант од Сирија.