Миранјан пристигна од украинскиот гигант Шахтјор, а со оглед на тоа што е млад, се очекуваше да биде еден од носителите на играта во иднина. Сепак, иако имаше договор со Вардар до 2017 година, тој спогодбено го раскина истиот и ќе си замине од таборот на “црвено-црните”.
Како причина за предвремениот прекин на договорот се наведува фактот што младиот ерменски фудбалер не успеал да се наметне кај стручниот штаб на Вардар, односно не се изборил за првотимски статус.
Тој во минатата сезона одигра 12 меча за “црвено-црните”, но само еднаш беше стартер и вкупно мина 284 минути, додека сезонава не доби воопшто шанса покрај многуте напаѓачки опции на македонскиот првак. Миранјан беше најмлад дебитант во првиот тим на Шахтјор, но сепак не успеа да се снајде помеѓу “вардарци”.
Напаѓачот беше еден од тројцата Ерменци во Вардар, заедно со Хофханес Хамбарџумјан и Артак Дашијан, кои за разлика од Миранјан имаат далеку поголема минутажа во црвено-црниот табор.