Бугарија денеска започна со распоредување на 1.000 војници на границата со Турција поради комплицираната ситуација со зголемениот бран бегалци, соопшти министерството за внатрешни работи на земјата, објав МИА.
Разместувањето на војската ќе се врши чекор по чекор, долж границата со Турција, се наведува во соопштението.
Изминатите неколку дена дојде до промена на ситуацијата и тешко е да се предвиди каде ќе се насочи бранот бегалци, затоа сме подготвени, изјави бугарскиот министер за одбрана Николај Ненчев за радио БНР.
Утринава на границата се испратени 50 бугарски војници, а уште 160 би можело да бидат распоредени до крајот на денот, истакна Ненчев.
Бугарија презема дополнителни безбедносни мерки, по информациите дека стотина сириски бегалци ја минале ноќта на отворено во близина на турско-грчката граница, која е во непосредна близина на турско-бугарската граница.
Изминатите 24 часа околу 600 бегалци се обиделе да минат од Турција во Бугарија, но се откажаа од намерата откако увидеа како добро е чувана таа граница, изјави главниот секретар на бугарското министерство за внатрешни работи Георги Костов.