Казни од 2.000 евра за поставување списоци со вакцинирани деца во училиштата

Казни до 2.000 евра може да заработат градинките и училиштата доколку постават списоци со вакцинирани или невакцинирани деца. Ова го соопштуваат од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Оттаму велат дека објавување на медицинскиот статус, односно доколку било какви податоци во врска со медицинскиот статус се постават на било кое место во самата градинка или училиште, претставува повреда на член 8 став 1 од Законот за личните податоци.

Објавувањето на податоците се казнува согласно член 49-а став 1 точка 1 од Законот за заштита на личните податоци, во висина од 2.000 евра додека 600 евра е казната за самото одговорно лице кое ќе го направи прекршокот, се вели во соопштението од Дирекцијата.

Оттаму апелираат доколку родителите забележат поставување на списоци со вакцинирани или невакцинирани деца во градинките и училиштата веднаш да ги пријавуваат истите до дирекцијата  за заштита на личните податоци.